Во црква за време на корона – „Нема потреба од страв, се е дезинфицирано“, уверуваат свештениците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ниту папучите кои како инсталација „седи дома“ се поставени на градскиот плоштад, не ги предомисли православните верници кои од утрово отидоа во црквите на големиот христијански празник Велики Четврток. Внатре одржуваа дистанца, а доколку имаше повеќе луѓе, трпеливо чекаа да влезат. Пред црковната порта поставено средство за дезинфекција со која верниците и на влегување и на излегување го користеа. Сепак, голем дел од нив дојдоа да се причестат, секој со истата лажичка. Апелите, поради опасност од ширење на корона вирусот годинава да се воздржат и од причестување но и од одење во црква не ги поколеба.

„Од обичниот грип годишно умираат повеќе така што ако треба да се заразиш и од дома ќе се заразиш и да излезеш до продавница, значи ако треба да биде ќе се заразиш“, вели верник.

„Немам страв меѓутоа, мајка ми на денешен ден е почината и затоа повеќе дојдов. Инаку, препораките ги почитувам“, додава верник.

„Не се плашам воопшто, денеска е голем ден Велики Четврток. Таман работа. Кратко и тоа е тоа. Ги знам препораките гледам дека се истакнати и во ред е“, посочи верник.

Од МПЦ велат дека се преземени сите заштитни мерки. Отец Сашко Николовски од Скопската епархија иако вели дека не се плашат дека ќе фатат вирус, сепак ги презеле сите мерки. Сето тоа се применува и во маркетите и во банките, зошто не и тука вели тој. Според него нема никаков проблем причестувањето од една лажичка.  

„Две илјади години ние причестуваме не го имаме тоа од вчера. Тоа искуство не го имаме само ние го имаа и нашите претци па никој не се заразил од причестата.  На крајот на краиштата и ние свештениците ја земаме причестата. Околу иконите значи имаме заповед до сите луѓе тука што работат веднаш да се бришат. Тоа сме го имале и порано но сега уште поинтензивно, верувајте организирани сме“, порача Сашко Николовски.

Црквите ќе бидат отворени и утре на Велики Петок кој се смета за уште поголем ден од денешниот и се очекува дека и утре верските објекти ќе бидат масовно посетени. Главниот настан во сабота пред полноќ кога вообичаено верниците се собираа во црквите за да го слават Христовото воскресение сепак нема да се одржи бидејќи полицискиот час почнува утре од 16 часот.