Во училница, но и под отворено небо – стартуваше учебната година, многу проблеми со онлајн наставата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По 7 месеци учениците се враќаат на училиште. Сите ги дезинфицираат рацете, им се мери телесна температура, носат маски и седат на дистанца. Учениците кои за првпат седнуваат во училишните клупи, беа пресреќни.

Некои се сретнаа во затворен простор во училиштето, некои пак под отворено небо. Наставниците стравуваат дека училиштата можат да се претворат во ново жариште на Ковид-19.

Директорите се оптимисти и уверуваат дека учениците се безбедни на училиште.

Родителите изразуваат задоволство што се отворија вратите на училиштата. Бараат и другите деца да се вратат на училиште, бидејќи немаат услови за следење онлајн настава.

ТВ21: Дали е добро што се отворија школите?

Родител: Да, секако дека е добро.

Родител: Да, многу е добро што се отворија училиштата. Ако има можност добро би било и останатите генерации, четврто и петто одделение да продолжат, отколку да следат онлајн.

ТВ21: Имате и други деца Вие?

Родител: Да имам уште две. Едното е петто, другото е шесто. Не може онлајн, немаат сите можност да купат компјутер или лаптоп.

ТВ21: Дали Вие обезбедивте компјутер?

Родител: Не, сѐ уште, не знам како ќе им обезбедам.

Министерката повторува дека решение за овие ученици е наставата да ја следат од телевизија.

Инаку, премиерот Зоран Заев вети дека ќе изнајде решение за овие деца, но додава дека и во случај да се отвори тендер за набавка на лаптопи, поставката би можела да се одолговлече до април следната година. Затоа бара начини и помош од бизнисмените. Комисијата за заразни болести издаде дозволи за следење на настава со физичко присуство на 600 основни училишта. Денеска онлајн наставата стартуваше и за средношколците и студентите.

Сите училишта во земјава беа ставени под клуч кон средината на март, со цел спречување на ширење на коронавирус, а наставата се спроведуваше без унифицирана платформа.