На пунктот за вакцинација во амбулантата во Здравствен дом во Велес денеска имаше многу граѓани кои дојдоа да бидат вакцинирани против Ковид-19, при што со прва доза од вакцината „Фајзер“ беа вакцинирани 300 лица под 60 години. Меѓу нив самоиницијативно на пунктот денеска дојдоа и се вакцинираа и неколкумина 17 годишни млади, информира за МИА, д-р Марина Тодоровска, кооринатор за вакцинација во Велес.
– Денеска имаше и граѓани на возраст над 60 години кои дојдоа по вторпат да се вакцинираат со „Астра Зенека“ и такви кои првпат се вакцинираат со оваа вакцина, појасни д-р Тодоровска.
Таа инфрмира дека денеска на овој пункт, што работи до 18 часот се прима и втора доза „Синовак“ и втора доза „Фајзер“,а прва доза „Синовак“ веќе не се дава.
Медицинските екипи за вакцинација денеска започнаа да вакцинираат со втора доза од теренската вакцинација во велешкиот поширок регион, а по истиот редослед по кој се даваше првата доза на вакцина. Денеска тие беа во Општина Чашка, како и во селата Бањица и Еловец.
Тие утре продолжуваат со теренската вакцинација втора доза во Општина Чашка и со вакцинацијата на пунктот во Здравствен дом каде над 60 години се дава „Астра Зенека“, а под 60 години „Фајзер“ и втора доза од кинеската „Синовак“.
Инаку масовниот пункт за вакцинација во спортската сала на ССОУ „Коле Неделковски“ што беше отворен во петокот, а денеска не беше, повторно ќе биде отворен во деновите 17,18,19 и 30 август.
