ВО ЖИВО: Протестен марш за неодложно и темелно расчистување на „Јавна соба“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Неодложно и темелно расчистување на случајот со „Јавна соба“, соодветни казни за администраторите, но и инкриминирање на сексуалното вознемирување преку интернет во Кривичниот законик се дел од барањата кои се соопштени на протестниот марш што започна денеска напладне пред Министерството за внатрешни работи, а ќе заврши пред Јавното обвинителство.

Мотото на маршот е „Јавна соба е кривично дело!”, а е организиран од Платформата за родова еднаквост.

Организаторите на маршот бараат од Јавното обвинителство темелно да го расчисти случајот „Јавна Соба”, но и соодветно да ги казни администраторите.

Групата „Јавна соба” во која над 6500 членови споделуваа фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки, кон крајот на минатата недела беше избришана на социјалната мрежа Телеграм. Во меѓувреме, продолжува истрагата за креаторите на групата, а веќе се приведени четири лица, од кои две од Битола, едно од Велес и едно од Штип. Надлежните апелираат на внимателност бидејќи на Телеграм има и друга слична група за која исто така се постапува.

Случајот „Јавна соба” повторно се актуелизира откако беше обелоденето дека на социјалната мрежа Телеграм членови на групата споделуваат фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки од земјава.

Првата ваква група на социјалните мрежи беше откриена пред една година, кога беа регистрирани околу 7000 корисници кои си разменувале експлицитни фотографии од девојки, од кои некои и малолетни. Полицијата тогаш соопшти дека групата „Јавна соба” по преземените мерки е згасната.