Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска на прес-конференција во ЦУК соопшти дека водата во Гостивар може да се користи како техничка вода, и истакна надеж дека наскоро ќе биде овозможена и за пиење и за подготвување на храна.
Тошковски кажа дека водата повеќекратно е испитана, и дека има дозвола да се користи како техничка.
„По повеќекратни испитувања, анализите покажаа овдата може да се користи како техничка вода. Истата може да се користи за бањање и за сите други потреби во домаќинството, но не и за пиење ниту за подготвување на храна. Ќе продолжиме во обезбедување на флаширана вода за пиење. Во координација сме со властите, сакам лично да им се заблагодарам на Гостиварчани, и на сите кои беа вклучени на терен кои ги презедоа сите активности во делот на хиперхлорирање, за да дојдеме до оваа фаза за техничка вода за пирење, а се надевам дека повторно ќе дојдеме и до вода за пиење“, изјави Тошковски.
Тој изрази надеж дека одговорните за оваа ситуација ќе постапуваат максимално професионално, и дека нема играње со безбедноста на граѓаните.
„Ова нека биде за памет, и еднаш засекогаш да постапуваат максимално професионално и во рамките на нивните надлежности во делот на контролата на водата, затоа што со безбедноста на граѓаните играње нема“, рече Тошковски.
На прес-конференцијата објаснија дека водата може да се користи за миење на чинии и чаши.
