Со наздравување со вода од јавна чешма пред Општина Гостивар, државните и локалните службеници ја пренесоа пораката дека водата во овој град сега е безбедна и може да се консумира.
По речиси 30 дена од моментот кога Агенцијата за храна и ветеринарство ја забрани употребата на водата за пиење, денеска оваа забрана официјално е укината. Директорот на АХВ, Оливер Миланов, вели може и да се пие.
„По добивањето на задоволителните резултати од лабораториските испитувања извршени од Институтот за јавно здравје на Република Македонија и лабораторијата на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје, од примероците на водата за пиење земени на седум мерни точки во понеделникот наутро и навечер, како и во вторникот наутро, Агенцијата за храна и ветеринарство ги известува жителите на Гостивар дека од денеска, петок, 14.08.2026 година, водата може да се користи за пиење“, порача Оливер Миланов.
Но, зошто алармот не беше порано вклучен за граѓаните на Гостивар, за да не дојде до многубројните труења? Од локалниот кризен штаб потврдуваат дека комуналното претпријатие имало договор со Центарот за јавно здравје водата да се анализира двапати неделно.
„Бидејќи, всушност, Јавното претпријатие „Комуналец“ имало договор со Центарот за јавно здравје и во договорот било дека двапати неделно треба да се земаат анализи на водата“, вели Зуди Џелили.
Од друга страна, директорот на Центарот за јавно здравје во Тетово, Шаќир Зулбеари, вели дека анализите се направени и веќе се наоѓаат во Обвинителството, признавајќи дека некои од нив биле во ред, а некои не.
– Дали биле во ред или не биле во ред?
„Да, некои биле во ред, оние кога не биле во ред, не биле во ред. Значи, сите анализи во врска со ова, значи, ќе се произнесе и Јавното обвинителство во врска со прашањето. Меѓутоа, договорот што го имавме со претпријатието, значи, сè ќе биде реализирано“, вели Шаќир Зулбеари.
Според Обвинителството, во резервоарот во Гостивар пумпите кои ја загадиле водата биле поставени на 25 јуни, додека првите пациенти во гостиварската болница се појавиле на 14 јули, односно дваесетина дена подоцна. Агенцијата за ветеринарство ја забрани водата за пиење на 17 јули, додека на 18 јули беше уапсена директорката на претпријатието заедно со двајца нејзини соработници. Над 4 илјади граѓани се јавиле во болниците со здравствени тегоби поради загадената вода.
