Ескалацијата на ситуацијата на Блискиот Исток ќе ја погоди и економијата на Македонија. Економистот Фатмир Битиќи оценува дека, доколку конфликтот трае подолго, ќе има раст на цените и инфлацијата. Првите ефекти, според Битиќи, ќе се почувствуваат по две недели.
„Секоја нормална и сериозна држава, како и сите членки на ЕУ, но и други европски земји, имаат свои резерви за одреден временски период. Ги нарекуваме државни резерви, но постојат и резерви во приватниот сектор, кои се неопходни и кои секој снабдувач мора да ги има. Во Европа овие резерви се до 90 дена, додека во Македонија се до 45 дена. Затоа секој краткорочен конфликт може да предизвика импликации и осцилации на цените, но не и во количините или снабдувањето. Секој конфликт што би траел повеќе од 40 дена, дефинитивно ќе донесе проблеми во снабдувањето“, изјави Битиќи.
Според економистот Абил Бауш, дури и ако конфликтот заврши во рок од две недели, пазарот нема да може веднаш да се стабилизира, бидејќи за само неколку часа цената на нафтата се зголемила за околу 10%.
„Кога мислевме дека оваа година ќе биде клучна за закрепнување на економијата, повторно се соочуваме со енергетска криза, бидејќи се гледа дека за само неколку часа цената на нафтата порасна за 10%. Дури и во тие 45 дена во кои треба да ги користиме резервите на нафта, нема да можеме да го стабилизираме нашиот пазар и цените во иднина, дури и ако војната заврши за две недели“, изјави Бауш.
Фатон Халили се надева дека последиците од конфликтот на Блискиот Исток ќе бидат минимални и краткорочни, но предупредува дека ако војната продолжи, граѓаните и државата може да се соочат со сериозни економски проблеми.
„Граѓаните на Северна Македонија не се загрижени дека ќе има некаква воена закана или инвазија. Граѓаните на Македонија со години, може да се каже уште од времето на пандемијата, најмногу се загрижени за економскиот аспект“, рече Халили.
Се надевам дека последиците ќе бидат минимални и нема да бидат долгорочни, но ако војната продолжи, повторно ќе кажам – тешко на нашите граѓани, но и на сите нас. Сигурно ќе се соочиме со многу сериозни проблеми.
Затворањето на Ормутскиот теснец, низ кој минуваат околу 30–40% од светската трговија со нафта, според економистите ќе има големи последици врз глобалната економија. Според нив, влијанието нема да ја погоди само Европа, туку и многу други земји кои зависат од снабдувањето и меѓународната трговија со нафта.
