Шеснаесетгодишен напаѓач отворил оган во основно училиште во Бенд, Орегон, при што загинаа четири лица, меѓу кои три деца. Напаѓачот бил убиен од вооружен член на локалната заедница, кој го следел до училиштето, соопшти полицијата.
Напаѓачот влегол во основното училиште „Силвер Реил“ пукајќи низ заклучените врати, соопшти полицијата, без да објави дополнителни детали за осомничениот, освен неговата возраст.
Меѓу загинатите се деца на возраст од 5, 8 и 11 години, како и еден наставник. Уште еден седумгодишен ученик и 54-годишен наставник биле пренесени во болница со критични повреди, изјави началникот на полицијата во Бенд, Мајк Кранц, на прес-конференција.
Гувернерката на Орегон, Тина Котек, која присуствуваше на истата прес-конференција, му се заблагодари на членот на локалната заедница кој „херојски интервенираше за да спречи понатамошна загуба на животи“.
„Ниту еден родител не треба да доживее ваков ден, а ниту една заедница не треба да поминува низ вакво нешто. Додека дознаваме повеќе за децата и возрасните кои загинаа или беа повредени, за нивните семејства и најблиски, многу ќе плачеме. Ќе плачеме заедно, а веројатно ќе плачеме и насамо“, изјави Котек.
Кранц рече дека граѓанин, чиј идентитет не беше откриен, го забележал осомничениот како влегува во училиштето и тргнал по него.
Пукањата во училиштата станаа повторлива појава во животот на Американците. Меѓу најпознатите напади се оние во средното училиште „Колумбајн“ во 1999 година, основното училиште „Сенди Хук“ во 2012 година, средното училиште „Марџори Стоунмен Даглас“ во 2018 година и основното училиште „Роб“ во Увалде, Тексас, во 2022 година.
