Патниците не можат да се качуваат во автобус на предната врата, бидејќи тоа место е изолирано само за возачот. На ваков начин, возачот се штити себеси од коронавирус, но вакви заштитни мерки нема во делот наменет за патниците.
„Патуваме со автобус број 20, но како што може да видите, ние не носиме маски, а сепак слободно можеме да се качиме во овој автобус. Не се забележува никаква посебна мерка за тоа како треба да се држи дистанца во автобус, бидејќи не се обележани местата каде треба да седат патниците“, вели репортерката на ТВ21.
Дел од патниците носеа маски и држеа дистанца. Но, има и такви кои не ги почитуваат препораките за заштита.
Состојбата станува уште попроблематична кога станува збор за автобусите во кои нема услови за држење растојание. Еден повозрасен патник вели дека во однос на ова прашање треба да има поригорозни мерки и да се известуваат граѓаните.
За решавање на овој проблем, во други земји седиштата се блокирани, средства за дезинфекција, а е ограничен и бројот на патниците. За тоа зошто вакви мерки нема во Скопје, го прашавме градоначалникот, Петре Шилегов.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека имаат надлежност да контролираат колку пати и кој врши дезинфекција на автобуси и дали возачите носат заштитна опрема. Како што објаснуваат, проверуваат дали има средства за дезинфекција во превозните средства, но ваков надзор екипата на ТВ21 денеска не забележа. Од Инспекторатот додаваат дека не се надлежни да ги контролираат патниците.
