Полицијата денеска приведе 46-годишен државјанин на Германија, кој со своето БМВ возел со дури 203 километри на час на автопатот „Пријателство“ кај селото Милетково, гевгелиско.
Како што информираат од СВР Струмица, ОВР Гевгелија во 08:00 часот при контрола на сообраќајот со радар констатирала дека М.Ф. управувал патничко возило „БМВ“ со германски национални ознаки со брзина од 203 км/ч.
На делницата каде што бил измерен, максимално дозволената брзина е 120 километри на час, што значи дека возачот ја надминал дозволената брзина за дури 83 километри на час.
Полициските службеници го лишиле од слобода, а за случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија. Против 46-годишникот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Од полицијата повторно апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и ограничувањата на брзината, со цел да се избегне загрозување на животите на сите учесници во сообраќајот.
