Враќањето на учениците во училиштата – „Не може да се организира настава и да се обезбеди дистанца“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Ние како средно стручно училиште, просториите што ги имаме и паралелките се со по 34 ученици, така што нема простор да се организира настава со физичко присуство и истовремено да се обезбеди дистанца меѓу учениците“, истакна Блерим Небиу.

Училиштето Марија Кири Склодовска е едно од многуте средни училишта во земјава кои имаат над 30 ученици во паралелка. Големиот број ученици и малкуте простории не овозможуваат реализација на наставниот процес со мерки против Ковид-19. Директорот Блерим Небиу вели дека во такви услови, наставата во училиштата може да се изведува со ротирање. Една недела да доаѓаат учениците од прва и втора година, а другата недела учениците од трета и четврта година.

„Да се направи комбинација на паралелката. Ако се четири години. Прва и втора година да се менуваат секоја недела со трета и четврта година, секоја недела или секоја втора. Така можеме да имаме комбинирање на наставата и со физичко присуство и со дистанца“, посочи Блерим Небиу.

Тој вели дека без проблеми може да се реализира практична настава, бидејќи лабораториите се големи а паралелките се делат во две групи.

„Ние како стручно училиште имаме и практична настава, тоа прашање без проблем можеме да го решиме со физичко присуство, бидејќи лабораториите се големи и кога се одвива практична настава и онака само половина од паралелката е присутна“, додаде Блерим Небиу.

Враќањето на учениците во училиштата е една од двете опции за тоа како може да се организира наставниот процес од септември. Иако еден месец не дели од почетокот на учебната година, Бирото за развој на образование сè уште нема составено план програмна за ниту еден модел.

За наставата на дистанца изработен е концепт. Неофицијално се вели дека учебната година ќе започне со дистанца и од месец октомври.