Коалицијата ВРЕДИ е при крај со составувањето на списокот за директори и зм.директори во претпријатијата, управите или институциите кои им припаѓаат во овој владин состав. Царината, Финансиската полиција, ЈП „Државни патишта“, Оперативната техничка агенција и М-НАВ се меѓу најважните дирекции што ќе ѝ припаднат на Алијансата за Албанците, дел од коалицијата ВРЕДИ.
Од оваа партија веќе ги одредиле кандидатите за директори или зм.директори. Гарип Каба ќе биде зм.директор во Царинската управа, Бурхан Алити е предложен во Агенцијата за контрола на летови, Хамид Алити во затворот Куманово, додека Наиме Ислами Зеќири во ОТА. Го прашавме Пратеникот на АА, Ријад Шаќири, колку дотичните директори се соодветни за позициите за кои се предложени.
„За да се даде дефиниција колку тие можат да бидат адекватни, е прашање на систематизирањето на работните места и каков профил на кадри предвидува тоа работно место. Колку што знам, со тоа што се работи за политичка одлука, доколку дотичниот нема кривично дело, нема сомнително минато, сметам дека согласно законот ги исполнува законските услови да биде именуван на одреденото место“, вели Ријад Шаќири.
Наиме Ислами, која е предложена во ОТА, Секторот за државна безбедност, има завршено Педагошки факултет. Одговорот на Шаќири беше овој:
„Г-ѓа Ангела Меркел беше и професор по хемија, но ја водеше Германија низ сите предизвици и економски бариери кои беа резултат на светската економска криза“, вели Ријад Шаќири.
Пратеникот Шаќири информираше дека Брухан Алити кој е предложен во М-НАВ е дипломиран правник со над 7 години работно искуство во ДИК во кумановскиот регион. Предложен за затворот во Куманово, Хамид Алити, исто така дипломиран правник со над 15 години стаж во МВР. Неџмедин Садику кој е предложен во Нафтени резерви вели дека е докажан професор. Сите предложени директори имаат 240 кредити според критериумите, рече Шаќири.
Движењето Беса ќе земе значајни институции како Бирото за јавна безбедност, Катастарот, Регулаторната комисија за енергетика, ЕЛЕМ, Банка за развој, Агенцијата за странски инвестиции и други.
„Во ЕЛЕМ партиските органи го предложија за зм.директор Реџеп Асани, докажан кадар од Кичео. Во Катастарот Амет Зибери ќе биде кадар исто така докажан од Теарце“, вели Биљал Касами.
Од Демократското движење ни рекоа дека едукацијата на кандидатите за директори ќе биде објавена откако ќе се потврдат нивните предлози и откако ќе стапат на функција, додека од Алтернатива известија во наредните денови се очекува финализирање на предлозите за функционери.
