Вицепремиерот Изет Меџити не одговори какви ќе бидат чекорите на коалицијата „Вреди“ по истекот на шестмесечниот рок, што го дадоа за напредок во евроинтегративниот процес преку усвојување на уставните измени. Меџити овој рок не го спомена, откако вчера премиерот Христијан Мицкоски кажа дека тој не работи со рокови и ултиматуми. Сепак, Меџити истакна дека се работи со меѓународните партнери за изнаоѓање решение.
„Што се однесува до уставните измени, со стратешките партнери ние сме во секојдневна комуникација. Пратениците Албанци немаат двоумење за оваа тема, утре ако не повикаат ние сме подготвени за уставните измени. Но, работиме со партнерите од Владата и со стратешките партнери за да најдеме најдобро решение.“, вели Изет Меџити.
Засега не се знае дали има промена во ставот, односно рокот, кој го постави „Вреди“ за измена на Уставот. Последно, Мицкоски кажа дека тој гласовите на изборите не ги добил на основа на рокови и ултиматуми, туку на основа на ветувањата, а неговата партија била јасна по ова прашање.
„Јас со рокови и ултиматуми не функционирам во животот. Нашиот став е принципилен и јасен и тоа го знае цела Европа, цел свет го знае и беше во програмата на партијата на изборите“, вели Мицкоски
Нејасно е и дали и какви чекори ќе преземе „Вреди“ по шестмесечниот рок, а во меѓувреме Меџити најави дека нивното парламентарно мнозинство дополнително ќе расте.
„Факт е дека ова мнозинство дава една од најстабилните Влади во историјата на Република Северна Македонија. Секако, има движења и за други пратеници и многу скоро ќе имаме над 80 пратеници, со што за првпат ќе има двотретинско мнозинство во Собранието.“, додаде Изет Меџити.
Претходно вицепремиерот од редовите на „Вреди“, Арбен Фетаи кажа дека премиерот во првите шест месеци ќе го открие моделот за решение за уставните измени. Последно во игра е идејата за уставни измени со одложена примена, односно тие да се изгласаат сега, а да стапат во сила кога земјава ќе се зачленува во Унијата. Сепак, официјална Софија и Брисел истакнаа дека нема да има промена на правилата за преговарачкиот процес на земјава.
