Владиниот коалициски партнер „Вреди“ и опозициската СДСМ го повикаа премиерот Христијан Мицкоски во Јавното обвинителство да ги сподели информациите што претходно ги откри за наводна дестабилизација на државата наесен.
„Ова раководство на Демократската унија за интеграција, во обид да го заштити капиталот којшто го создаваше изминативе 20-22 години, ќе презема чекори во насока на дестабилизирање на државата.“, изјави Христијан Мицкоски.
Од „Вреди“ велат дека не знаат со какви информации располага Мицкоски, а од СДСМ истакнаа дека премиерот доколку молчи станува директен соучесник во евентуалната дестабилизација или во спротивно манипулира со јавноста.
„Немам информации за каква дестабилизација и со какви информации располага премиерот. Доколку има информации има Јавно обвинителство, како што ние денеска се обраќаме, така што сметам дека институцијата зад нас е за овие информации.“, рече Сали.
„Бараме претседателката Сиљановска Давкова да го свика Советот за безбедност, доколку е конституиран. Бараме обвинителството да покрене истраги и да го викне Мицкоски на сослушување по однос на информации што ги сподели во јавноста.“, изјави Богданка Кузеска од СДСМ.
Од ДУИ веќе соопштија дека нема да коментираат политички блефови на Мицкоски, но додадоа дека ќе користат демократски средства за, како што велат, да го спречат понижувањето на Албанецот.
„Без да сакаме да коментираме политички спинови и блефови, сакаме да појасниме дека добивме мандат и одговорност од албанските гласачи да го заштитиме легитимитетот, политичката волја и достоинството на гласот и албанскиот народ во Северна Македонија.“, изјавија од ДУИ.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ на темава за првпат споменаа насилства и безредија.
„СДС да кажат што планираат со ДУИ и дали целта е да се заштитат од одговорност за сторените криминали и ограбената држава? И СДС и ДУИ треба да знаат дека насилство и безредие нема да им помогне.“, рече Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во телевизиско гостување министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, прашан за информациите за дестабилизација, единствено одговори дека изминатиов период до МВР стигнале голем број докази за сторени криминали од страна на ДУИ, кои наскоро ќе бидат процесуирани.
