„Преминуваме на дело“ е слоганот на коалицијата ВРЕДИ за учество во идната Влада заедно со ВМРО-ДПМНЕ и Движењето ЗНАМ. ВРЕДИ ја претстави работната платформа како и првиот ешалон. Програмата се заснова на четири столба. Забрзување на евроинтеграциите, бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, економски развој и подигнување на животниот стандард, а четвртата точка е рамноправниот регионален развој и зајакнувањето на општините преку децентрализација. Изет Меџити кажа кои ветувања од програмата на ВРЕДИ се вклучени во владината програма.
„Има точки кои се апсолвирани од нашата програма како што е зајакнување на децентрализацијата, подобро здравство, инвестиции во образованието, фокус на економските зони и многу други прашања“, вели Изет Меџити.
Но што се случи со главните ветувања на ВРЕДИ како што е прераспределба на 10 илјади евра за секој граѓанин, затворање на казината и брзите кредити како и зголемување на минималната плата на 800 евра.
-Господине Меџити имавте и ветувања дека на секој граѓанин ќе му поделите по 10 илјади евра…
„Ова е една од тие точки“.
Затворање на казината, 800 евра минимална плата, дали овие се вклучени во владината програма?
„Да, во програмата има зголемување на пензиите и покачување на платите. Што се однесува до казината, мислам дека ќе имаме посебна прес-конференција“.
Други ветувања на коалицијата ВРЕДИ беа отстранување на терминот 20% за албанскиот јазик како и избор на претседател во Собранието, но имајќи предвид дека тоа може да се направи само преку уставни измени, Арбен Таравари се надева дека истото ќе биде направено за време на овој мандат. Додава дека тоа зависи од нивните коалициски партнери.
На овој панел говореа и министрите кои ќе бидат од редовите на коалицијата ВРЕДИ кои ги презентираа програмите во соодветните министерства.
Министер за економија и труд ќе биде Бесар Дурмиши, министер за социјална политика Фатмир Лимани, министер за екологија и прв вицепремиер Изет Меџити, министерот за здравство Арбен Таравари, министерот за евроинтеграции Орхан Муртезани, додека Арбен Фетаи вицепремиер за добро владеење.
По формирањето на Владата, ВРЕДИ очекува да се официјализираат имињата на замениците министри. Од она што е до сега познато, заменик министер за спорт ќе биде Сафије Садики Шаини од Алтернатива. Од истата партија за заменик министер за образование е избран Љуљзим Алиу. Од редовите на Демократското движење, заменик министер за транспорт ќе биде Калтрина Зеколи-Шаќири, додека заменик министер за внатрешни работи Мухамет Амети. Од редовите на АА, заменик министер за земјоделство ќе биде Фљакрон Беџети, а за одбрана Ељфете Исмаили. Движењето Беса ќе ја има само функцијата заменик министер за култура која ќе ја води Седат Сулејмани.
Собраниската седница на која ќе се расправа и гласа за новиот владин состав е закажана за утре во 11 часот, додека рокот за гласање е в недела на полноќ.
