„ВРЕДИ“ се задоволни од преговорите за Влада

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Коалицијата „Вреди“ е задоволна од преговорите за состав на нова Влада што ги водела со ВМРО-ДПМНЕ.

„Одлично поминавме. Завршивме еден циклус што е многу битен за нас“, изјави Висар Ганиу, коалиција ВРЕДИ.

Ганиу беше дел од преговарачкиот тим и потврди дека ќе се основа Министерство за европски прашања, на чие чело се очекува да застане кадар на коалицијата „Вреди“, поточно Адмирим Алити. Ганиу не сакаше да сподели детали од договорот за третиот ешалон.

„Ќе ве известиме за сите директорски места кои се распределени, но можам во овој момент да потврдам дека да, Секретаријатот за европски прашања, прераснува и поминува во Министерство“, изјави Висар Ганиу, коалиција ВРЕДИ.

Неофицијално, во рацете на „Вреди“ ќе бидат МЕПСО, Управата за финансиско разузнавање, Агенцијата за странски инвестиции, за енергетски ресурси, Македонски пошти, Филхармонија, но и други државни установи. Според информациите, во однос на министерствата, Изет Меџити би требало да биде министер за екологија, Арбен Таравари за здравство, а Бесарт Дурмиши ќе биде нов министер за економија и труд. Фатмир Лимани се очекува да биде новиот министер за социјална политика, а Бујаре Абази ќе биде министерка без ресор задолжена за добро владеење. Од ВМРО-ДПМНЕ се уште ги држат во тајност имињата на нивните предлози за министри.

„Од денеска почнуваат внатрепартиските и внатрекоалициските консултации околу предлозите за членовите на Владата“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Од она што го дознаваме извесно е дека Тимчо Муцунски ќе раководи со Министерството за надворешни работи, Гордана Кочовска Димитриевска ќе застане на чело на Министерството за финансии, а Стефан Андоновски ќе го предводи новоформираното Министерство за дигитализација. Сања Божиновска се споменува за министерка за енергетика, рударство и минерални суровини, Цветан Трипуновски за министер за земјоделие, Борко Ристовски за спорт.

На партијата „ЗНАМ“ на Максим Димитриевски ќе им бидат доделени Министерството за правда и Министерството за администрација.