1.4 милиони евра била вредноста на уништената опрема за прислушување на УБК. Тоа го докажа вештачењето на вештакот Ѕвонко Кочовски, во судското рочиште за „Таргет – Тврдина“. Вештакот вели дека системот на денот на уништувањето бил функционален и дека немало дефект кој влијаел опремата да се уништи.
-Oд мене беше побарано да ја пресметам нејзината употребна вредност. Под поимот употребна вредност се подразбира дека системот на денот на уништување бил во функција и имал вредност во однос на корисникот. Таа употребна вредност се разликува од сметководствената вредност, која е книговодствена. Се разликува и од објективната вредност-вели Кочовски.
Одбраната постојано се повикуваше на извештајот на МВР во 2013, дека системот бил застарен и дека поради тоа е уништен.
Адвокатот Влатко Илиевски, кој е и сопруг на обвинетата, Гордана Јанкуловска, со чиј потпис како тогашна министерка за внатрешни е уништен системот, верува дека не е оштетена државната каса со уништувањето на системот за прислушување.
За скоро 5 часа, адвокатите на одбраната му поставуваа прашања на Ѕвонко Кочовски, а на тоа реагираше обвинителката, Ленче Ристевска, која рече дека адвокатите се обидуваат да го одолговлекуваат процесот кој е при крај.
Обвинети во овој предмет се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и неколку вработени во поранешното УБК кои се товарат за нелегално прислушување на над 5 илјади телефонски броеви или околу 20 илјади граѓани.
