Втор ден собраниска расправа за избор на Влада, во фокус Коридорите 8 и 10Д и легитимитетот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пратениците на мнозинството и на новата опозиција ја продолжија собраниската расправа за програмата и составот на новата Влада. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги презентираа главните заложби како што се евроинтеграциите на државата, борбата против криминалот и корупцијата, развојот на економијата, рамноправниот регионален развој, приближувањето на власта кон граѓаните, намалувањето на даноците, зголемување на пензиите и платите. ВМРО-ДПМНЕ најави продолжување на изградбата на коридорите 8 и 10д. Според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ да зборува за ова е лицемерие.

Не задоцни одговорот од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Пренџов.

Продолжување на работата на коридорите 8 и 10Д најавија и пратениците на коалицијата ВРЕДИ. Аднан Азизи ги спомна сите инфраструктурни проекти вклучувајќи го и автопатот Скопје-Блаце и патот Тетово-Призрен.

– Дури и оние легендарни патишта што ги започнавте, 2 км Скопје-Блаце што не успеавте да ги завршите 10 години, ние ќе ги направиме. Дури и легендарниот автопат Кичево-Струга-Охрид каде што се раѓаат деца, завршуваат училиште, се мажат, а се уште не е готов, ќе го завршиме и тоа, вели Аднан Азизи, пратеник на ВРЕДИ.

Но, како и вчера, Европскиот фронт ја оспорува легитимноста на овој владин состав. Коалицијата ВРЕДИ ја нарекуваат измеќари на мандаторот Мицкоски.

– Времето ќе го докаже тоа ако се уште не сте разбрале дека не можете да најдете подобри измеќари. Не можат да најдат бидејќи и да имаш политички противник, мора да му го почитуваш достоинството и гордоста, бидејќи тоа се доблестите на еден народ. Се согласувам да зборуваме за дебата, за економски развој, за инфраструктурен развој и така натаму дека тоа е одговорност на мандаторот и на оние кои ќе бидат дел од Владата иако таа нема етнички легитимитет, без разлика колку е легална, вели Блерим Беџети, пратеник од Европски фронт.

Во текот на дебатата повторно се разговараше за договорот од Преспа и почитувањето на уставното име на државата, како и за работата на актуелната Влада предводена од СДСМ и ДУИ.