Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека денеска имал многу добар разговор со рускиот претседател Владимир Путин за сите важни прашања од билатералната соработка, вклучувајќи го и постигнувањето договор за гас пред 31 мај и прашањето за американските санкции за НИС, како и дека е потврдена претстојната средба на 9 мај во Москва.
„Само што го завршив разговорот со претседателот на Руската Федерација Владимир Путин. Имавме добар, суштински и, би се осмелил да кажам, одличен разговор за сите важни билатерални прашања од нашата соработка. Разговаравме за политичката соработка и за тоа како е неопходно меѓувладините комисии да продолжат да работат на закрепнување на нашата трговска размена и натамошно подобрување на економската соработка“, рече Вучиќ по неговиот телефонски разговор со Путин.
Претседателот на Србија рече дека разговарале и за прашања од големо значење за Србија, како што е соработката со руските железници, но пред се, како и на кој начин да се склучи гасен аранжман пред 31 мај и како да се реши проблемот со НИС, имајќи ги предвид санкциите на САД воведени против таа компанија.
