За 10 месеци 335 несреќи на булеварот Благоја Тоска, нема семафори и кружен тек, пуштен е без согласност на СВР

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Булеварот Благоја Тоска во Тетово, без согласност од Секторот за внатрешни работи Тетово е пуштен во употреба. Без семафори и кружен тек. Според податоците на СВР-Тетово, најголем број сообраќајни незгоди во Тетово се случуваат токму на овој булевар.

-За овој пат, од делот на патот „29 Ноември“ до „Браќа Миладиновци“, нема согласност од секторот во Тетово и една од главните причини е нерегулирањето на сообраќајот на оваа крстосница каде често се случуваат сообраќајни несреќи бидејќи на овој патен правец нема ниту кружен тек, ниту семафор кој би го регулирал сообраќајот на патот-вели Фатмир Реџепи од СВР Тетово.

Побаравме одговор од општина Тетово зошто не побарале согласност од СВР? Зошто е пуштен во употреба без согласност и кога ќе се постават семафори? Од таму првично ни рекоа дека ќе одговорат во рок од еден ден, но потоа ни ветија одговор следната недела.

Во периодот од јануари до 31 октомври 2023 година регистрирани се вкупно 335 сообраќајни незгоди од кои 20 се со тешки телесни повреди, 138 со полесни телесни повреди и 177 незгоди само со материјална штета. За среќа, годинава немаше ниту една жртва на улиците во градот.

Според горенаведените податоци, месец јули и натаму има најголем број на сообраќајни несреќи и оваа бројка е двојно поголема во однос на другите месеци од годината.