За 4 дена затворени 48 ресторани, притисоци и откази, работниците да внимаваат што потпишуваат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Угостителите и натаму се најголемите прекршители на владините мерки, кај кои инспекторите и покрај забраната утврдиле дека нормално работат. За само 4 дена 48 угостителски објекти се затворени, а забрането е користење на 215 кафемати. Се апелира и да не се користат и апарати за вода како можни преносители на корона вирусот. Ова се дел од изречените казни по извршените инспекциски контроли за почитувањето на владините мерки против ширењето на новиот вирус. Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашкоска рече дека од вкупно 3 илјади 908 контроли од сите 6 инспекторати спроведени од 2-ри до 5-ти април генерално мерките се почитуваат, но има и дел кои ги прекршуваат.

„За жал еден дел од угостителските објекти посебно во руралните средини продолжуваат да ги прекршуваат владините мерки. При вршењето на овие инспекциски надзори од страна на пазарните инспектори се затворени вкупно 48 угостителски објекти во повеќе градови и населени места низ државата.“, рече Филиповска-Грашкоска.

Во последниот период има и зголемени притисоци и прекршувања на правата на работниците. Голем дел од нив се жалат дека им се вршат притисоци и им се даваат да потпишат отказни решенија, а на некои од нив потоа им нудат договори за работа со скратено работно време, односно ангажман за неколку часови. ТВ 21 праша првиот човек на трудовиот инспекторат Алајдин Хавзиу дали инспекторите утврдиле вакви неправилности.

„Да, за жал имаме неколку претставки такви и се постапува по сите согласно законот. Но, апел е вработените да внимаваат што потпишуваат. Може да се јават во трудовата инспекција во секое време, во секоја подрачна единица, истакнати се броевите на нашите инспектори и тие се јавуваат на повик и може да ги консултираат. Значи да не потпишуваат нешто што не знаат и после да има последици по нив.“, рече Хавзиу.

Инспекторите на терен утврдиле и дека во однос на претходните контроли, забележале дека има помал број на зголемувања на цените на лимоните. Надзори се вршат и врз маркети и зелени пазари, а кај 15 месари е утврдено дека има непочитување на хигиенските услови согласно пандемијата. Нема прекршувања на мерките во аптеките, цените на лековите не се зголемени а се почитува и дистанцата при купување од граѓаните.