„Рапид Билд“ од Куманово е прворангираната компанија на еваулацијата од Номагас на тендерот за изградба на интерконекторот за природен гас со Грција, поради критериумот најниска цена, дознава ТВ 21. Како што неодамна објавивме Рапид Билд понуди најниска цена од 59,9 милиони евра на тендерот на кој се пријавија 5 компании. Министерката за енергетика, Сања Божиновска потврди дека еваулацијата од Номагас е завршена и вчера е испратена на одобрување до Европската инвестициска банка.
„Номагас“ ја заврши еваулацијата. Мислам дека вчера ја пратија своите, значи својата процедура иде во ЕИБ и понатаму треба ЕИБ и ЕБРД да ги прегледаат сите документи. Се надеваме на „но обџекшн“, меѓутоа сега доаѓа нели католички Божиќ. Се надеваме до крај на јануари дека тоа ќе биде се завршено. Што значи очекуваме потпишување крај на јануар, изјави министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Според информации на ТВ 21 од петте добиени понуди цената на „Рапид Билд“ е за 6 милиони евра пониска од таа на српската компанија која понудила 66 милиони евра за да го изгради интерконекторот за природен гас со Грција. Третата понуда од 69 милиони евра е на компанија од Турција, а другите две се на компании од Италија.
Од Номагас кога тендерот беше затворен соопштија дека компанијата која ќе биде избрана ќе има рок од две години за изградба на македонскиот дел од интерконекторот во должина од 67 километри. Очекуваа изградбата да започне напролет. Инаку ова е втор обид да се избере компанија за изградба на интерконекторот. Претходно, тендерот беше поништен, а тогаш најниската цена беше 71 милион евра.
Добивме 5 понуди од кои што првата најдобропонудена е според мои сознанија околу 11 милиони евра поефтина од претходниот пат, изјави министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Интерконекторот е со должина од 123 километри, а македонскиот дел е 67 километри – од Гевгелија до Неготино. Парите, 83,6 милиони евра се обезбедени преку кредити и грантови од меѓународни финансиски институции.Ова поврзување со Грција треба да обезбеди гас од повеќе извори. Во моментов само со Бугарија е единствената прекугранична врска што ја има земјава.
