За Ахмети „огнот“ во ДУИ е мал – Беџети: Претседателот зазема страна, тоа досега го нема правено никогаш

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Алудирајќи на незадоволните членови на ДУИ, познати како „огнена група“, претседателот на интегративците, Али Ахмети од средбата со гостиварци рече дека огнот во партијата е мал, зборови што предизвикаа смеа во целата сала.

„Мал е огнот, малку е, не е многу“.

Ахмети вели дека со вакви проблеми се соочува 20 години, порачувајќи дека ништо не може да се постигне со ултиматуми!

„20 години ги имам овие проблеми, но не се претворија во големи, сега излегоа со конференции… Невзат ми е пријател, но тој греши. Дури и мојот Муса греши. Пријатели сме 50 години, но и тој греши, не е во право, бидејќи работите се третираат внатре, а не се решаваат со ултиматуми. Не се постигнува ништо со ултиматум. Да ми се поставува ултиматум преку телевизија – направи го ова, направи го тоа, така не може. Не! Повели да седнеме дома, да поразговараме, бидејќи овие проблеми ги имам веќе 20 години“, вели Али Ахмети.

Талат Џафери одговарајќи на неодамнешните изјави на дел од членовите на „огнената група“, рече дека кровот на ДУИ се докажува на терен.

„Главниот столб на оваа куќа е нашиот врховен командант, нашиот лидер Али Ахмети, кој на оваа куќа постави безбеден покрив, не од ќерамиди или лим како што некој го нарекува овој покрив и оваа куќа. Куќите кои имаа таков покрив, им се срушија и столбовите, бидејќи немаа стабилни темели. Има една изрека – пред да обвиниш некого, треба да се свртиш кон огледалото и да се погледнеш во него“, вели Талат Џафери.

Еден од незадоволните, Блерим Беџети, во интервју за „Телма“ рече дека партискиот лидер секогаш балансирал, но овојпат заземал страна. 

Наредната недела „огнената група“ ќе го посети Куманово каде ќе се сретна со структурите на ДУИ, а Ахмети со министрите ќе престојува во Тетово.