„За членство во ЕУ клучни се уставните промени“ – Ќе ги завршиме преговорите во рекордно време, вели Пендаровски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Германија останува силен поддржувач на Македонија и во овој процес на пристапните преговори, истакна претседателот на Германија  Штајнмајер на заедничката прес конференција со претседателот на државата Стево Пендаровски. Рече дека посакува пристапниот процес да се случи брзо и да нема дополнителни пречки. Сепак потсети дека клучно за членството во ЕУ се уставните промени, но не беше конкретен во однос на прашањето дали за ова ќе разговара со лидерот и раководството на ВМРО-ДПМНЕ кои се против промените во Уставот.

„Вашата земја, се наоѓа пред една важна одлука дали преку претстојната промена на Уставот ќе го отвори патот за отворање на поглавјата во поединечни области како на пример економската политика или владеењето на правото. Јас за време на мојата посета овде нема да зборувам само во Собранието, туку ќе се сретнам и со пратеници од различни политички партии и ќе разговарам со нив“, вели Франк Валтер Штајнмајер.

За тоа како ја гледа пристапната можност на Македонија во однос на временскиот хоризонт, Пендаровски рече дека не би сакал да дава прогнози за ова прашање, но истакна дека нашата земја 17 години се подготвуваше за преговорите и дека ќе ги заврши во рекордно време. Но, за противењето на опозицијата рече дека доколку се за Европската унија треба да ги гласаат уставните промени.

„Тимовите за секое поглавје се направени уште пред деценија и половина така што јас сум уверен ако процесот на преговори со Европската унија не биде базиран на историја или предоминантно на историја, ако биде базиран на реалните европски критериуми и вредности, ние ќе ги завршиме во рекордно време тие преговори.  На страната на опозицијата која го има тој став кој го знаеме против уставните промени и против внесување на бугарското малцинство во Преамбулата на Уставот можеме само да разговараме и да се убедуваме“, вели Стево Пендаровски.

Ова е прва посета на германскиот претседател Штајнмајер кој имаше обраќање и во Собранието. Мојата молба до вас пратеници, но и до сите граѓани е да продолжите да чекорите по патот на пристапниот процес и тоа решително, не скршнувајте на последните метри, порача тој пред пратениците.