„За луѓето се работи“ – во Скопје отворен 30-ти Министерски совет на ОБСЕ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Официјално изјавувам дека триесеттиот состанок на Министерскиот совет на ОБСЕ е отворен.

Премиерот Димитар Ковачевски, говорејќи пред 57 делегации и околу 1000 учесници на 30. Министерски совет на ОБСЕ, рече дека Северна Македонија го имала едно од најтешките претседателства со оваа организација поради руската агресија врз Украина.

Претседавачот со ОБСЕ, министерот Бујар Османи се осврна на три клучни точки кои го одбележаа претседавањето на државата со ОБСЕ. Поддршка на ОБСЕ за Украина во услови на руска агресија, зајакнување на ОБСЕ и нејзината иднина и грижа за луѓето како фокус на работата на ОБСЕ. Османи повика дека ОБСЕ треба да промовира мултирателизам и луѓето да живеат слободно.

-ОБСЕ мора да продолжи да служи како активна платформа за одговорност во време кога тензиите и конфликтите се во пораст. Не треба да заборавиме дека ОБСЕ е ангажирана низ целиот регион и работи на решенија за потребите на луѓето. Ни беа доверени важни мандати за придржување до принципите и заложбите на ОБСЕ, истовремено справувајќи се со различни предизвици во Источна Европа, Југоисточна Европа и Централна Азија. ОБСЕ останува активна на сите нивоа во нашите општества, придонесувајќи за сеопфатна безбедност за сите-вели Османи.

Говор имаше и претседателката на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Пиа Каума, која ги поздрави заложбите на Северна Македонија за мултиетничко општество, како и позитивните заложби кон нејзините соседни земји. На подобра иднина со ОБСЕ се надева и генералната секретарка на Организацијата Хелга Марија Шмит.