За Мерко се отворени 6 предмети во Обвинителство, истрага за злоупотреба на службената должност и измама

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За злоупотреба на службена должност и измама за експропријација на земјиште, тоа се главно делата за кои се води истрага за градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Од обвинителството велат дека во моментов има 6 отворени предмети против Мерко и тие се во различни фази. Здруженијата на граѓани, како и група адвокати, против Мерко поднеле кривична пријава до правосудните органи, додека предметите се главно од 2020 и 2023 година.

  1. Кривична пријава од повеќе здруженија на граѓани, за кривично дело „злоупотреба на службена должност и овластување“;
  2. Поднесен предмет во ОЈО Струга против горенаведениот и уште две лица за сторени кривични дела од член 353 и член 353-в од Кривичниот законик;
  3. Предмет примен во струшкото обвинителство на 19.05.2023 година, по што се разгледува барањето и е започната предистражна постапка;
  4. Отворен случај по пријава од Финансиската полиција за кривично дело од член 353 точки 1, 2 и 5 против лицето за кое покажувате интерес и уште три лица. Обвинителот кој постапува во овој предмет има издадено Наредба за вештачење во Бирото за судски вештачења, по доставените сознанија, во три случаи е побарано дополна на вештачењето. Дотичниот обвинител сè уште чека постапување по наредба за дополна издадена во февруари 2020 година.

Списокот продолжува со два други предмети кои се отворени, додека за кривичното дело измама поврзана со експропријација на земјиште во Струга, постапката е во предистражна фаза. На прашањето на ТВ21 дали ќе почнат постапка за испитување на укажувањата на Стејт департментот за влијанието на Мерко врз судството, од Обвинителството велат дека за секој предмет ќе ја истражуваат ефикасноста и брзината на обвинителите на предметот.

“Обвинителството крајно сериозно ги сфаќа сознанијата на американскиот Стејт департмент за можното влијание на оваа личност врз постапки. Од тие причини, обвинителството за секој предмет веднаш ќе ја испита законитоста и брзината на дејствијата и можното влијание врз случајот. Сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапиле ненавремено, непрофесионално и под влијание ќе бидат кривично гонети и јавноста ќе биде соодветно информирана.“, велат од Обвинителството.

Во меѓувреме, Судскиот совет следната недела се очекува да формира комисија од 3 члена која ќе изврши увид во Основниот суд Струга за да ги испита наодите на АСД за вмешаноста на Мерко во судските постапки. По проверките, наодите ќе бидат изнесени на седница на Советот, најавуваaт оттаму.