Хекуран Дука ќе биде градоначалник на Дебар во следните 4 години, а претходно функцијата ја извршуваше две години. Кандидатот на ДУИ го победи противкандидатот Беким Поцеста од редовите на АА-ААА. Освојувајќи 4291 глас односно 49.69%, додека Поцеста 4153 или 48.09%. Откако прогласи победа и започна прославата, Дука вети дека младите дебарчани нема да си одат надвор од земјава бидејќи ќе им обезбеди работни места.
„Ќе успееме и овие 4 години и Дебар за овие 4 години ќе се измени многу, бидејќи зад мене стојат младите од прекрасниот Дебар. И овој мандат ви ветувам дека нема да се отсели ниеден млад човек од Дебар, сите ќе бидат ангажирани со проблемите и ќе ги решаваме сите заедно“, посочи Хекуран Дука.
Во првиот круг и на прегласувањето на гласачкото место 0543, Беким Поцеста освои 49.70% од гласовите оставајќи го зад себе Дука со 46.32%, затоа за Поцеста гласањето е сомнително.
„Целиот процес во вториот круг е сомнителен бидејќи излегоа на виделина сите валкани методи на оние кои 18 години го прават истото, така што останува со сите наши членови на комисиите да ги видиме сите овие резултати и да видиме како е можно на неколку места и во градот драстично да се зголеми бројот на гласови за толку кратко време“, вели Беким Поцеста.
Дебар е единствена општина каде вчера се гласаше во втор круг на локалните избори бидејќи на 31 октомври на гласачкото место 0543 имаше прегласување, кога другите општини гласаа за втор круг. Во Дебар право на глас имаа 19.211 гласачи, а гласале само 8.636, односно 44.95%.
