Пораки за знаење, критичко размислување и татковина – Јаневска, Сиљановска и Мицкоски со порака до студентите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На најголемиот универзитет во земјава, УКИМ, првиот академски час се одржа на плоштадот во близина на споменикот на Кирил и Методиј. Министерката за образование, Весна Јаневска, им порача на студентите дека тие се најголемиот потенцијал што го има Македонија, бидејќи тие се идните професионалци, иноватори и лидери кои ќе ја градат иднината на државата.

„ Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ е вистинското место за учење, за поставување прашања и за истражување. Бидете љубопитни и храбри студенти во потрагата по нови знаења“, рече Весна Јаневска.

„Да ве потсетам – немојте да имате амбиција да бидете енциклопедии кои меморираат. Повторно ќе повторам, практикувајте критичко размислување. Јас, иако сум претседателка, верувам во границите на правото, а не во политизираното право“, порача Гордана Сиљановска Давкова.

Околу 13.800 студенти денеска го одржаа првиот академски час, за академската 2026/2027 година. Оваа година, на универзитетските студии се запишани околу 53.500 студенти, од кои 46.925 се редовни студенти, додека околу 6.600 студенти се вонредни.

Премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на првиот академски час на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што на новите студенти им порача дека никаде не е поубаво отколку дома.

„ Вистинскиот живот е борбата која ве очекува, борбата за вашето семејство и борбата за вашата татковина, Македонија. Ова никогаш да не го заборавите. Каде и да одите, вратете се дома и заедно да се бориме за нашата најубава земја во светот, Македонија“, вели Христијан Мицкоски.

Првиот академски час се одржа и на Државниот универзитет во Тетово, Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје и Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, како и на околу дваесет други универзитети кои функционираат во земјава.