Прв ден на универзитет, „Мајка Тереза“ ја пречека новата генерација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје ги отвори вратите за новите студенти, означувајќи го почетокот на новата академска година.

Доминираше атмосферата на почеток на ново поглавје за студентите, кои од денеска го започнуваат својот универзитетски пат.

Ректорот Беким Фетаји, побара од студентите да соработуваат и да си помагаат меѓусебно, бидејќи на тој начин ќе се создаде култура на споделување и помагање со сопствените искуства.

„Студентите од прва година ќе бидат менторирани од студентите од втора година, бидејќи кој најдобро го знае овој пат од оној кој го поминал минатата година? Студентите од втора година минатата година беа во ваша позиција и токму тие сега се вашите најдобри водичи“, вели Беким Фетаји.

Заменик-министерот за образование и наука, Дритон Сулејмани, им порача на студентите да не се плашат од предизвиците или од испитите кои ќе им изгледаат тешки, бидејќи, како што рече, успехот се гради и од деновите кога паѓате.

„Универзитетот не е само место каде што добивате диплома, туку е место каде што го градите вашиот професионален карактер. Тука ќе запознаете професори кои ќе ве инспирираат, колеги кои можат да станат ваши најдобри пријатели“, порача Дритон Сулејмани.

Присутен беше и амбасадорот на Албанија, Денион Мејдани, кој им порача на младите да ја сакаат земјата, да ги почитуваат законите, бидејќи тие се едно од најважните поглавја за влез во ЕУ.

„Јас гледам пред себе Северна Македонија, каде што албанските, македонските и другите студенти ги споделуваат лабораториите, проектите и амбицијата за напредок. Учaт и протестираат заедно за да ја изградат европската иднина на оваа земја“, вели Денион Мејдани.

Универзитетот „Мајка Тереза“ има 8 факултети и 43 студиски програми. Вкупниот број студенти, според последните објавени податоци, изнесува околу 3 илјади и 700.