За првпат ќе се гласа три дена, само едно лице во карантин се пријавило за гласање

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во нашата земја има околу 3.700 активни случаи на Ковид-19. Заразените граѓани и оние кои се во изолација треба да се пријават најдоцна до 8 јули во Општинските изборни комисии за остварување на правото на глас од дома. Иако остануваат уште два дена до истекот на рокот, досега се пријавило само едно лице да гласа во изолација.

-Мислам дека има само еден пријавен-рече Адмир Шабани од ДИК.

Овие граѓани, правото на глас ќе го остварат од нивните домови, за што се формирани посебни одбори составени од еден лекар, две медицински сестри и по еден член на партиите делегиран за набљудување на изборите.

-Ги комплетиравме посебните избирачки одбори. Составени се од три лица од лекарски персонал и четири номинации од политички партии кои се во овој состав. Во моментов го собираме материјалот за заштита на здравјето согласно кој ќе работат овие одбори, а изготвуваме и план за одржување обуки на овие лица-вели Шабани.

Сите мора да носат заштитна опрема против Ковид-19, која ќе се менува по секое гласање.

-Овој Избирачки одбор кога ќе пристигне на одредена адреса, во домот на лицето кое побарало да гласа, мора да носи најлонски мантил, визир, маска и ракавици. Мора да прави честа дезинфекција на рацете и по спроведувањето на гласањето на лицето позитивно на Ковид-19 или на лицето кое е во домашна изолација, овие средства, односно заштитниот мантил, маската и ракавиците мора да ги фрлат во посебно ќесе-изјави Шабани.

Досега се формирани 100 избирачки одбори. Предвидено е по еден одбор да биде во секоја општина, но во општините каде има висок број заразени, како што е Чаир, гласањето ќе го спроведат два одбора. Граѓаните кои се во изолација ќе гласаат на 13 јули. За да го остварат своето право на глас од дома, лицата во изолација или позитивни на Ковид-19, треба да се пријават на веб-страницата на Општинските изборни комиси.