Оваа болница беше монтирана на почетокот на април за пациентите заразени со коронавирус. По еден месец, Министерството за здравство пред да ја стави во функција, одлучи да ја демонтира. Болницата е сместена веднаш до Инфективната клиника, за во случај капацитетот да биде исполнет, заразените пациенти да се сместат во овие шатори. На прашањето на ТВ21 зошто ја демонтира монтажната болница ако се очекува нов бран на вирусот, министерот Венко Филипче одговори дека добиле донација од Швајцарија и дека сега наместо шатори, се поставени бараки.
Во 12 бараки има вкупно 72 легла.
„Во случај бројот на заразените со Ковид-19 да се зголеми или во случај на нов бран на вирус, Министерството за здравство планира ако се исполни капацитетот на Клиниката за инфективни болести, пациентите да бидат сместени во овие бараки“, вели репортерката на ТВ21.
Клиниката за инфективни болести располага со 110 кревети. Во изминатото деноноќие се примени 5 нови пациенти со корона, со што вкупната бројка на хоспитализирани е 46, од кои двајца се на респиратори и 4 со отежната клиничка слика.
