За три години околу 160 незаконски објекти во Тетово – Архитектите: Инспекторите да се грижат и за стандардите, не само за дозволите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова се единствените снимки од уривање на објект во Општина Тетово по 2021 година.

Станува збор за една таверна која беше урната пред неколку недели.

Причината зошто во изминативе години во Тетово се уриваа само гаражи и тераси е Законот за легализација. Тој сè уште е во сила, па општините ги чекаат процедурите.

Во Општина Тетово има над 2.000 објекти што чекаат легализација, додека околу 150 треба да бидат урнати, но се чекаат административните процедури.

-Според податоците од општинскиот инспекторат, од 2022 година има 29 објекти, во 2023 – 26 објекти, а во 2024 – 52 објекти со одлука за уривање. Вкупно се 147. Незаконски објекти што се урнати во 2022 година се 9, во 2023 година – 23, а во 2024 година – 30 објекти. За овие објекти, општинскиот инспекторат ја започна постапката за нивно уривање, но истите подлежат на административни процедури што треба да се почитуваат, изјави Бесарта Рамадани, портпаролка на општина Тетово.

Деканот на Архитектонскиот факултет при Универзитетот во Тетово, Енис Јакупи, вели дека општинскиот инспекторат треба повеќе да се занимава со стандардите на градба, а не само со дозволите за градба.

-За жал, во нашите општини, во нашите единици, се создаде чуден концепт – се добива градежна дозвола и инспекторите не излегуваат на терен. Тие што ги контролираат овие стандарди се истите инспектори што утврдуваат грешки. Тука инспекторите се занимаваат со тоа дали објектот е поголем или помал. Инспекторот има свој графикон според кој треба да ги даде сите забелешки. На хартија стандардите ни се одлични, но сме далеку од она што треба да бидеме, вели Енис Јакупи, архитект.

Според Јакупи, градот не треба да се занимава со минатото, туку со иднината на проектирањето.

Наместо да се занимаваме со минатото, треба да почнеме да гледаме што му треба на иднината! Зошто да се урива објект кога не бил урнат навреме?! Овој процес постои, сите знаеме дека некој го изградил поголем уште од почетокот, сме виделе каде биле инспекторите тогаш, затоа треба да се занимаваме со тоа што му треба на Тетово и како треба да се спроведуваат законите. Често сум го кажувал ова – општините треба да се грижат за тоа колку се спроведуваат законите што се во сила. Ако се спроведуваат законите и регулативите, нема да имаме проблеми, вели Енис Јакупи, архитект.

Недостатокот на детални урбанистички планови ја спречува можноста општините да издаваат градежни дозволи. Ова доведува до тоа општините да губат приходи, а истовремено да се гради без пропишани стандарди. Општина Тетово моментално работи на неколку детални урбанистички планови, кои се очекува да донесат повеќе ред во ширењето на градот.