За унапредување на македонската демократија – отворени листи и една изборна единица

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Партиите ветија, но се уште не се усогласија за една изборна единица и воведување на отворени листи. Ова би требало да ја унапреди македонската демократија , беше заклучено на завршната конференција на тема „Измена и дополнување на Изборен законик – отворени листи“.

„Токму отворените листи, пред се една изборна единица е своевидна гаранција за одржлива демократија. За демократија во која ниту една од двете или повеќето поголеми политички партии нема да вели и нема да може да има апсолутна власт, односно апсолутна негрижа понекогаш и неодговорност. Мора да разбереме уште една работа, а тоа е дека сестра на политиката е компромисот, дијалогот, сестра на политиката е договарањето, сестра на политиката е тоа дека секој политичар, политичарка мора да разбере дека во политиката мора да се прифаќаат барањата и очекувањата од другата страна.“, вели Кордалов.

Нема постигнат консензус помеѓу политичките партии за да се менува моделот и да се премине на гласање со отворени листи за советници на локалните избори. Измените на Изборниот законик ги иницираа малите парламентарни партии кои од новиот владин кабинет бараат тоа да биде програмски приоритет.

„Нема постигнат консензус меѓу политичките партии за да се менува моделот и да се премине на гласање со отворени листи за советници на локалните избори. На сите средби се дискутирало и за изборените единици, а за тоа било потребно да има широка и кохезивен меѓупартиски консензус за кој било потребно повеќе време да се постигне до еден конечен договор кој би бил еднаков за сите.“, вели Хедолинд Сакипи, мобилизатор на заедницата.

Деновиве се случуваат нови раздвижувања поврзани за оваа тема, токму на разговорите со новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, поттикнати од страна на претставниците на помалите коалициски партнери во актуелниот состав на Владата.

Заедничкиот именител во барањата на претставниците од ДОМ, Демократски сојуз и ЛДП е – една изборна единица, без изборен праг, отворени листи, пропорционален модел. Се споменуваат и рокови, односно измените на Изборниот законик, кои се во собраниска постапка, да се донесат најдоцна до 15 јануари, наредната 2022 година. Бидејќи барањата за измени на Изборниот законик се ставени во контекст на други очекувања на коалициските партнери во власта, за поддршка на новиот состав на владата, кој се најавува, се чини и понатаму останува неизвесноста за нивно спроведување. Особено што досегашните коалициски партнери нагласуваат дека нивните барања не се услови за да ја дадат поддршката при гласањето на новата влада.