За Универзална се бараат уште пари – Арсовска: Изведувачот направил непредвидени трошоци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дополнителни средства  за реконструкцијата на Универзална сала ќе треба да издвои Владата бидејќи изведувачот направил непредвидени трошоци, вели градоначалничката на Скопје Данела Арсовска. Градот не се јавува како инвеститор, туку тоа е Владата и таа треба да ги обезбеди додава таа.

„Лицето кое што го изведува самиот проект вели дека има непредвидени трошоци таму,а вие колку што самите знаете градот тука не се јавува како инвеститор односно средствата кои што таму се одредени, односно кои што се трошат за делот на инвестиција на Универзалната сала се средства кои што се однапред со извесна сума одредени од страна на Владата. Градот Скопје нема никаква вина во тоа што се случило ниту има било каков удел во делот на трошоците кои што ги изгенерирал на лице место изведувачот“, вели Данела Арсовска.

Реконструкцијата на Универзална сала започна лани во септември со изведба на работите во надворешниот делна објектот, а потоа како што беше најавено ќе се започне и со внатрешниот дел. Но по доаѓањето на функција Арсовска се скара со архитектите и проектантите и рече дека проектот  не е безбеден по што работите беа прекинати.

„Бил проект кој што го отпочнал мојот претходник, односно нивниот член, кој што во својот мандат веќе ги детектирал дека ги има овие недоследности и ја стопирал, односно времено престанал со активностите кои што требало да се преземаат за да овој момент ние бидеме во повисок степен на реконструкција тука на овој објект“, посочи Данела Арсовска.

Владата за овој проект обезбеди 120 милиони денари или околу 1.9 милиони евра, но колку ќе треба дополнително средства да се обезбедат не се открива.