Владата на вчерашната седница донела одлука да им се укаже на кабелските оператори да ги исклучат руските државни медиуми Русија денес и Спутник. За тоа е испратено барање до Агенцијата за медиуми да испрати дописи со нив.
Владата препорача на Агенцијата за адуио и аудиовизулени медиумски услуги да им укаже на кабелските оператори во Северна Македонија да ги исклучат каналите каде како основач се јавува Руската Федерација или приватни лица, правни или физички лица со потекло од оваа држава.
Но и покрај ова, сепак и денеска кабелските оператори ги реемитуваа програмите на овие руски телевизии. Се обидовме да стапиме во контакт со нив, но не успеавме. Се обративме до Агенцијата за медиуми за тоа дали е постапено по ваквата одлука.
Агенцијата со допис им укажа на сите оператори на јавна електронска комуникациска мрежа, доколку со исклучувањето не им се предизвикува финансиска штета, веднаш да ги исклучат овие канали и во најскоро време, но не подолго од три дена од денот на приемот на дописот, да ја известат Агенцијата за преземените активности од нивна страна.
Одлуката на Владата следи, откако забрана за емитување на овие канали беше донесена од Европската унија. Во ова време мораме да се бориме против дезинформациите кои се присутни од руските медиуми бидејќи Путин не сака да го контролира само просторот туку сака да го контролира и умот на луѓето , изјави шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.
„Мораме да се бориме против руската државна контрола на наративот. Бидејќи дезинформациите стануваат огромни и сега тоа се поместува во целосна воена пропаганда. Ќе забраниме Русија Денес и Спутник да биде пренесувана во Европската унија. Бидејќи тие се шампиони во манипулации со информациите“, вели Борел.
Во меѓувреме и Јутјуб објави и дека ќе преземе мерки против неколку канали на својата платформа вклучително и ограничување на пристапот до телевизискиот канал Русија Денес.
