Задолжително носење на маски и ракавици – е одлуката што ја донесе Владата, а која стапува на сила од денеска. Но, дали сите граѓани се во можност да ја почитуваат мерката? Мухамед Зекири од СДСМ, вели дека Владата треба да подели бесплатни маски, бидејќи како што вели, веќе пристигнала помош од други држави.
„Во тој правец треба да се работи и да се обезбеди за сите граѓани, ако има можност, но верувам дека можат да се обезбедат бесплатни маски за граѓаните. Ова е можно, имајќи ги предвид донациите од многу држави. Добивме помош и од ЕУ, така што земјата може да се справи со вакво нешто“, истакна Мухамед Зекири.
На иста линија е и Ремзи Мехмеди од Алијанса за Албанците. Тој вели дека ако мерката е задолжителна, тогаш Владата треба да ги обезбеди заштитните средства.
„Ако една мерка е донесена како задолжителна, тогаш Владата треба да има предвид дека РСМ е една од најсиромашните земји во регионот, и не може секој граѓанин да купува маски, бидејќи во текот на денот нема да им треба само една, туку по неколку. Поради тоа, Владата треба да ги субвенционира маските“, додава Ремзи Мехмеди.
Артан Груби говореше за полицискиот час. Според него, оваа мерка е непотребна.
„Секогаш го делев убедувањето дека полицискиот час е непотребен, бидејќи полицискиот час го ограничува времето и го зголемува движењето на луѓето во краток временски период за да ги завршат нивните потреби“, вели Артан Груби.
Инаку, Владата донесе одлука за намалување на времетраењето на полицискиот час, па така забраната за движење за време на работните денови ќе почнува од 19 и ќе трае до 5 часот наутро, а во викендите ќе почнува од 15 часот во сабота ќе трае до 5 часот наутро в понеделник.
