Ова го изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев, кога дознал дека е донесена одлука – две училишта во Чаир да се преминуваат во “Имри Елези“ и „Исмаил Ќемали“. Но, и покрај тоа што ТВ21 му рече дека Советот на општина Чаир донел одлука уште во 2012-тата, сепак Заев повторно не се повлече од изјавата и побара да се провери целата постапка. Но, по неполни 24 часа, тој ги повлече неговите зборови и рече дека постапката за промена на имињата била законска. Преку Фејсбук статус уште во 10 часот утрово, Заев информираше дека спроведената анализа потврдила оти промената на имињата е направена согласно законот.
„После темелна анализа, правни тимови констатираа и ме информираа дека промената на имињата е согласно членот 26 од Законот за основно образование. Откако училишниот одбор донел одлука за измена на Статутот на училиштето со што се променува името на училиштето и се додава уставното име на државата, истата била потврдена и од страна на Советот на Општина Чаир. Бадентерово мнозинство не било неопходно“, истакна Зоран Заев.
Но, иако Заев изјави дека новите имиња се поставени согласно редовна постапка и закон, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека преименувањето на училиштата е незаконско.
Вчера од Централен регистар и Општина Чаир се произнесоа дека постапката е спроведена согласно законот. Од Регистар рекоа дека кај нив постапката е во ред, а пак од Чаир потврдија дека Општинскиот советот, за ова прашање донел одлука уште во 2012-та година.
„Одлука на Општинскиот совет за промена на имињата постои уште од 2012 година и истата е јавен документ“, вели Арта Сали.
Инаку, постапката на преименување на училиштата во Чаир траеше цела деценија.
