Заев и Ахмети подготвени за коалиција, Села ги предизвикува владејачките албански партии

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се подготвени да коалицираат на локалните избори. Ахмети ова го потврди синоќа во Клик Плус, објаснувајќи дека во првиот круг ќе излезат со посебни советнички листи, но во вториот, ќе се поддржат меѓусебно во зависност од резултатите во општините.

„Ќе го видиме интересот на граѓаните, на партијата…Сметам дека беше позитивен чекор тоа што го направивме пред 4 години. Сметам дека вреди повторно да се дискутира.“, рече Ахмети во „Click Plus“ на ТВ21.

Лидерот на социјалдемократите Зоран Заев истакна дека е подготвен за соработка.

„И ние сме заинтересирани за коалиција меѓу СДСМ и ДУИ. Секако и со другите коалициски партнери со кои сме во коалиција на парламентарно и во владино ниво.“, вели Заев за ТВ21.

Лидерот на интегративците синоќа рече дека не гледа никаква опасност од било каква можна соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ – Алијанса / Алтернатива за локалните избори.

Запрашан за таква соработка, на брифинг со новинарите, првиот човек на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, рече дека во политиката се е можно. Сепак, истакна дека со ВМРО-ДПМНЕ нема коалиција или разговори. Градоначалниците можат слободно да одлучат да коалицираат со партиите, рече тој, предизвикувајќи ги владејачките албански партии.

„Ја продолжуваме соработката и коалицијата со Алтернатива. Ќе излеземе сами како коалиција. Другите планови ќе зависат од политичкото однесување на политичкиот противник ДУИ. Ја фрливме ракавицата на ДУИ, да направат нивен блок ДУИ, БЕСА, ДПА и ние како АА-ААА сме подготвени да се соочиме.“, рече Села.

Иако уште 4 месеци не делат од локалните избори, партиите веќе почна да ги објавуваат имињата на можните кандидати.

 Лидерот на ДУИ, Ахмети вчера потврди дека Еркан Арифи повторно ќе се кандидира за градоначалник на Липково, дека Теута Арифи не стои лошо во анкетите за Тетово, голема е веројатноста Мерко повторно да излезе за Струга, а, како што рече, Невзат Бејта се чувствува подготвен за Гостивар. Не спомна имиња за Сарај и Чаир.

Од друга страна лидерот на АА, Села соопшти дека на последниот состанок на Централното раководство предложено е повторно да се кандидираат Таравари за Гостивар, Шабани за Врапчиште и Џемаили за Боговиње. Додава дека е рано да се зборува за  другите кандидати и дека во тек е процесот на избор.