Се чини на премиерот не му оди од рака со „метлите“. Прво најавуваше „метла“ во Владата пред неколку години, но го „фати“ само поранешниот министер за финансии Тевдовски. Денеска пред новинарите ја возеше „метларката“ на „Брако“, чиј сопственик е поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев. Но, ниту на оваа машина не ја вклучи метлата, иако претходно доби инструкции.
Но, како чисти оваа метларка ќе дознае Кралскиот двор во Лондон, дворот на Белата куќа во Вашингтон, Холандија, Австралија, Тајланд, Буенод Аирес, Белгија. Наскоро и париските улици ќе ги чистат еколошките хидрогенски машини на велешката фирма „Брако“. Овие машини се прозиведуваат и монтираат во оваа фабрика.
-Тоа е развиено и произведено во овие хали позади нас и е дело на инженерите на „Брако“ кои се 60-тина на број, нивната просечна старост е под 30 години. Тројца од нив имаат студирано на светски универзитети, а се вратија да работат тука-рече Анѓушев.
Поранешниот вицепремиер за економски прашање Анѓушев, не’ потсети на начинот на развој на индустријата и начинот на извезување на производи, за да не „извезуваме“ како што рече тој деца:
-Единствен начин за развој на инустријата е да се произведуваат производи со поголема додадена вредност, тие производи да бидат извозно ориентирани, да бидат за целиот свет и конкурентни, тоа е единствениот начин за растот на економијата и индустријата-рече Анѓушев.
Излезот од кризата Анѓушев го гледа во агресивно инвестирање, следење на најновите технологии во светот и да купување најнови машини. „Брако“ минатата година инвестирале 8 милиони евра во овие машини за рекострукција на старите хали и нова технологија.
