Заев најави 100.000 вакцини „Спутник V“ – Секретар од Охрид се вакцинирал преку ред

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Секретар во општата болница во Охрид примил вакцина против коронавирус, иако според надлежните не бил директно вклучен и загрозен со работата на позитивни пациенти со Ковид-19. Во изјава на порталот А1он вели дека ова е класичен линч врз него.

„Јас се вакцинирав за да дадам пример како раководство, не се вакцинирав од лична потреба дека сакав да се вакцинирам, мене не ми значи ништо, не сум вознемирен од ковидот. Во цела 2020 година немам земено слободен ден, постојано работам во болницата“, истакна Антонио Наумоски.

Тој додава дека на ваков чекор се одлучил бидејќи имало вишок вакцини, бидејќи голем број на лекари и сестри не се пријавиле за имунизација.

„Прекршокот е во тоа што надвор од планот за вакцинација. Така што верувам дека ќе се преземат конкретни чекори. Зошто? За да не се повторат вакви случаи и да се оди строго по протоколот кој што е јавно објавен од Министерството за здравство“, посочи Зоран Заев.

Инаку во отсуство на веќе нарачаните вакцини, земјава се одлучи да нарача и вакцини од Русија.

„Да, дадов насоки како што ме информираа дека има капацитет од дополнително 100.000 да се направи и од таму нарачка, значи се што постои од вакцина направивме нарачки и договори, односно воспоставивме контакти се со конечна цел да процесот на вакцинација не прекине  и продолжи со предвидената динамика“, додаде Заев.

Оваа недела се очекуваат и првите информации од Европската унија, од директниот договор со „Фајзер“, а понатаму преку Ковакс механизмот, за во последната недела од февруари да пристигнат и вакцините од Кина.

До крајот на следната недела треба да пристигнат и останатите вакцини од Србија. Вакцинацијата во земјава почна во средата со првата пратка од 4.680 вакцини „Фајзер“ што ги добивме од Србија.