Заев: Не е спорно пописот да биде во јуни – Мицкоски собира потписи и бара да се одржи во 2022 година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Заев најави дека е подготвен да го одложи пописот, но не како што бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ од една година, туку, онака како што вчера предложи претседателот Стево Пендаровски за мај или јуни. Тој рече дека се разгледани сите барања кои опозицијата деновиве ги изнесе во јавноста, особено за барањето за електронски попис, но, како што истакна тоа нема да ги даде потребните податоци како што се верска и етничка припадност, како и податоци за нашите иселеници.

„Го видов и предлогот на претседателот на државата да се одложи некој месец. Океј, јас сум секој пат спремен, се е вредно за размислување. Летото знаеме дека попис не се спроведува, септември е кампања, октомври е изборен период, за локалните избори. И да размислиме за месец дена, месец и пол да завршиме некаде до средината на јуни, веќе гледам опозицијата тоа го одби така што уште еднаш ќе ја испратам пораката да бидеме одговорни и да го спроведеме пописот“, посочи Зоран Заев.

Шефот на опозицијата Христијан Мицкоски по вчерашната најава дека го започнуваат процесот на собирање потписи за оспорување на законот за попис, до Државната изборна комисија ги доставија потребните 100 потписи за стартување со процедурата.

„Апелираме на разум, доколку разум не постои, да биде пописот одложен за 2022 година. Апелираме до Владата и до надлежните во парламентот да го прифатат предлогот на опозицијата за електронски попис. Не го изложувајте здравјето на граѓаните. Не бевте способни да го заштитите, не бевте способни да донесете вакцини за тие кои што сакаат да го заштитат здравјето вакцинирајќи се, да им го овозможите тоа, овој пат барем направете електронски попис“, истакна Христијан Мицкоски.

Се огласи и претседателот на Собранието Талат Џафери тој во интервју за МИА рече дека за да се одложи пописот потребна е политичка одлука.

„Собранието донело Закон за одржување попис. Пропишало рокови за сите и во овој момент сметам дека беспредметно е да се излегува со размислувања вакви или онакви. Ако сметаат дека треба да се одлага тогаш треба политичка одлука за тоа. Таа политичка одлука треба да се преиначи во законско решение. И за колку време би се одлагало тој попис? Во контекст на Ковид, што би значело тоа. Има некој информација дека во јуни, јули ќе заврши пандемијата па ќе можеме да го спроведеме или пак ќе дојдеме во празнина законска и тогаш уште да влеземе во правен хаос“, истакна Талат Џафери.

Претседателот Стево Пендаровски, иако претходно го потпиша Законот за попис, сепак вчера  порача дека не гледа причина пописот да не се одложи за мај или јуни. Сосема легитимни се барањата од аспект на здравството. Ако сме чекале 20 години нема да е грев да биде одложен во мај или јуни, изјави Пендаровски.