Заев: Неодговорно е да продолжам – официјално доставена оставката во Собрание, седница утре

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Оставката на премиерот Заев попладнето е доставено во Собранието, а ќе биде констатирана на утрешната седница со што онаа за пратеничките прашања нема да се одржи.  Заев во образложението наведува дека си заминува од премиерската функција како одговорност за резултатите од локалните избори. Неодговорно е да продолжам, напиша тој во оставката.

„Затоа што демократијата значи и одговорност. Ова го направив и за да може да продолжи да се развива нашата западноевропска идеја и прогресивниот концепт во земјава да си создаде услови за сопственото освежување и зајакнување, а со тоа да не се дозволи да биде поразен на национално ниво“, истакна Зоран Заев.

Тој ги потенцираше и одлуките што беа донесени а за кои се смета дека се тешки но и историски.

„Тие одлуки овозможија Македонците и македонскиот јазик да бидат потврдени од целиот свет, а овој пат и од нашиот сосед и пријател Република Грција. Сметам дека со тоа обезбедивме траен мир, безбедност, сигурност и трасиран пат за економска добробит на народот“, посочи Зоран Заев.

Повлекувањето на Заев од политиката ја коментираше и претседателот Пендаровски во своето обраќање.

„Независно од индивидуалните ставови на граѓаните за политиките на премиерот во заминување, на јавноста и се познати неколку несогласувања и меѓу нас по некои прашања, тоа е неспорно чин што треба а се поздрави затоа што тоа не се случува често во новите демократии. Факт е дека тој се повлекува кога неговата партија е на власт, а тоа е дијаметрално спротивна ситуација од 2017 кога не можевме да изведеме мирна транзиција на власта“, вели Стево Пендаровски.

Власта и опозицијата со различни ставови околу оставката на Заев. За власта таа е непотребна, за опозицијата е задоцнета.

„Секако дека тоа е лична одлука на премиерот Зоран Заев, ја почитуваме таа одлука. Како што знаете на повеќе пати сме кажале дека е непотребно да се даде оставка имајќи предвид дека беа локални избори“, посочи Арбр Адеми.

„Заев требаше да ја испорача оваа оставка навремено, не ја направи оваа работа. Дури ќе беше фер и утре да се занимава со пратениците, зашто утре е закажана седницата за пратенички прашања каде што сите пратеници имаат толку многу прашања за овие девијантни феномени и кризи што се случуваа, зашто ние не сме имале можност за пратенички прашања и за модуларната болница да поставиме, не сме имале можност да поставиме пратенички прашања и за трагедијата во Бугарија“, додава Халил Снопче.

Оставката треба да ја констатира претседателот на Собранието Талат Џафери, што значи дека нема простор за никаква дебата на пратениците. По оставката на премиерот Заев, шефот на државата треба да му додели мандат на новиот мандатар од редовите на партијата која го ома мнозинството во Собранието во рок од десет дена. Мандатарот во рок од 20 дена треба да поднесе програма и да го предложи составот на новиот владин кабинет.