Заев по истрагата ќе одлучи за оставките, директорите не го даваат Филипче: „Премиере, не прифаќајте!“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Фактите и експертската истрага ќе му пресудат на Министерот за здравство, Венко Филипче.

„Најавувам дека во текот на следната недела, во првиот момент откако експертската истрага ќе покаже нов посериозен напредок, ќе ги соопштам ставовите на Владата базирани на фактите од истрагата“, соопшти Заев.

За премиерот, поднесените оставки од министерот, заменик-министерот за здравство, како и директорите на тетовската болница ги разбира како висок морален и етички чин и одговорност која е неминовна при вакви големи несреќи.

„Одговорност има и ќе има, јасно утврдена врз основа на непобитни форензички факти, а не врз основа на политички пресметки.“, беше ставот на Заев.

Директорите назначени од Филипче испратија писмо до премиерот, велат дека министерот кој понуди оставка бил нивен мотиватор.

„Уморни, истрошени понекогаш и деморализрани, соочени неретко со гневот на јавноста. Во сето нашиот стожер беше и е д-р Филипче. Човекот кој секогаш го превземаше товарот на заедничките одлуки. Тоа е водач и конструктивен партнер. Тој е човекот кој не водеше низ тешките и помалку тешки моменти, кој никогаш не престана да верува во системот и во неговите колеги. Тој го познава здравениот систем, неговите недостатоци и можности“, се вели во соопштението од директорите на ЈЗУ.

Наспроти ова, опозицијата бара и кривична одоговорност.

„И уште повеќе не пража порака до сите сегашни и идни функционери дека не смеат да се поигруваат со животите на нашите граѓани. Потребна е кривична одговорност до која ќе се дојде преку објективна и неутрална истрага која мора да биде реализирана.“, рече Рашела Мизрахи.

За Алијанса на Албанците, оставките се задоцнети и претставуваат обид за избегнување одговорност.

„Овие задоцнети оставки се обид да се оправда нефункционалната влада која мора да поднесе оставка до последниот, тактика на неодговорни функционери за да ја покријат својата вина, брзање да го амортизираат револтот на граѓаните и игра да избегаат од одговорноста.“, соопштија од Алијанса за Албанците.

Првите извештаи од истрагата треба да пристигнат од понеделник, кои ќе треба да ги утврдат причините, но и одговорноста за пожарот кој однесе 14 животи.