Заев по средбата со лозарите: Состојбата во лозарството е тешка, ќе бараме фер решение

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Состојбата во лозарството е тешка, но ќе бараме фер решение, низ дијалог, кое ќе им одговара на сите, и на производителите и на винарските визби и на државата. Притоа, треба да бидеме разумни и рационални, да ја земеме предвид КОВИД пандемијата која претставува удар за сите сегменти во стопанството, рече премиерот Зоран Заев пред денешната средба со лозарите во Кавадарци.

Заев истакна дека за помош на лозарството годинава се проектирани дополнителни 5,5 милиони евра, а се размислува и за директна поддршка на извозот на наливно и флаширано вино – во просек по 400 евра од возило. Целта е, објасни, да се овозможи пласман на залихите во визбите и зголемување на нивниот капацитетот за откуп на родот.

Како што нагласи премиерот, засега во винариите, поради неработењето на угостителски објекти дома и во странство, има околу 55 милиони литри вино залиха, а лани ова време резервите беа 30 – 35 миолиони литри.

Освен залихите вино, дополнителен проблем, посочи Заев, е и болеста на грозјето која зафати 20 – 30 проценти од насадите.

-Денеска сме овде да најдеме решение кое ќе биде фер и за лозарите и за визбите и за државата. Очекувам плодна, квалитетна дебата и изнаоѓање начин за надминување на состојбата. Верувам дека ќе утврдиме начин за решевање на проблемите зашто за неколку дена и официјално треба да стартува откупот, а некаде во помали количини веќе почна. Чесно се поставивме уште со ребалансот во мај, пред изборите. Предвидовме буџетски средства, знаејќи дека ќе дојдеме до вака тешка состојба, нагласи Заев.

Потсети и на средбата со винариите на која се утврдија одредени цени за гројзето, но, сепак, повтори, мора да се најде фер и правично решение од кое ќе бидат задоволни сите.