Заев: Поднесувам оставка од функцијата премиер и претседател на СДСМ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Премиерот Зоран Заев вечерва на прес-конференција поднесе оставка од функцијата премиер и претседател на СДСМ.

„Ја превземам одговорноста на себе за ваквиот развој на настаните на локалните избори. Поднесувам оставка од премиер и претседател на СДСМ. Им честитам на сите прогресивни граѓани кои се бореа за силна Северна Македонија“, рече Заев.

Заев ова го најави пред вториот круг локални избори, односно кажа дека доколку СДСМ го загуби Скопје, ќе поднесе оставка од функцијата.

Сепак, кажа дека и натаму не мисли дека е време за предвремени парламентарни избори, туку треба да се формира нова влада.

„Останувам на старото, не треба да има вонредни парламентарни избори. Ќе останам периодов додека треба, да се организира нова влада со прогресивно мнозинство кое го има, а може и да се прошири“.

Заев истакна дека е горд што земјата е во НАТО и што минатата година стигнала препорака за почеток на преговорите со ЕУ.

„Горд сум што ја внесовме земјата во НАТО, а лани добивме препорака за почеток на преговорите со ЕУ. Спроведовме попис. За нас прогресивните кои им се радувавме на овие успеси, за жал, дојде политичка казна“, рече Заев кој истакна дека разочарувачки е фактот што мнозинството ги избрале истите кои тргнале да убиваат во парламентот, мислејќи на настаните од 27. април.