Рокас му го предаде извештајот на EK на Mицкоски: Уставните измени остануваат обврска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен од Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, вели дека тој е подобар од минатата година, иако нотираше и дека се забележани одредени слабости, особено во правосудството иако и во овој сектор оценката е подобра од претходниот извештај. Во однос на евроинтеграциите Мицкоски рече дека Македонија останува посветена на членството во ЕУ, но порача дека тие не може да бидат условени од билатерални спорови.

„Останува отворено и прашањето за уставните измени. Нашата позиција и понатаму е дека европските интеграции мора да се темелат на јасни правила, предвидлив процес и меѓусебна доверба. Спорот со нашиот источен сосед и наметнатиот билатерален спор минатата влада прифати да влезе во општите критериуми за членство, што секако претставува хендикеп во развојот на интегративните спорови“, порача Христијан Мицкоски.

Амбасадорот Михалис Рокас истакна дека Македонија останува сигурен партнер на Европската унија која ги споделува стратешките приоритети, но дека треба да има порешителна акција во независното судство и борба против корупцијата за која рече дека нема напредок. Во однос на европскиот пат на земјава не заборави да спомене дека клучна обврска за членството во ЕУ остануваат уставните измени.

„Уставните измени договорени во 2022 година се уште не се завршени. Ова се обврски преземени од земјата. ЕУ е подготвена да заврши со отворањето на преговорите во мигот кога ќе бидат донесени измените. Ги повикуваме сите политички страни да работат активно и да напредуваат кон членството на ЕУ“, вели Михалис Рокас.

Во Извештајот Европската комисија констатира и дека Македонија ја зaдржала целосната усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ и бележи активности во рамките на Планот за раст за Западен Балкан. Покрај за борбата против корупцијата се бара и посилен напредок во реформата на јавната администрација и зајакнување на владеењето на правото и слободата на медиумите.