Беа на една средба, но не ја именуваа исто. Премиерот на Македонија, Зоран Заев, на Албанија, Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ преку онлајн врска зборуваа за продолжување на регионалната соработка.
Во соопштението испратено од владата, ова се нарекува “иницијатива за засилена регионална соработка“. И од владата на Албанија се вели “средба во рамките на регионалната соработка“. А од српското претседателство накратко ја именуваа како “Мини Шенген“.
На крајот, излегоа со заедничка декларација во која се наведува дека се уште остануваат посветени на патот кон ЕУ и регионалната соработка. На земјите од Западен Балкан потребна им е ЕУ исто колку и тие што и се потребни на ЕУ.
„Сакаме порано, отколку подоцна, да видиме дека четирите слободи на ЕУ – движење на луѓе, стоки, услуги и капитал – се спроведуваат низ целиот регион. И ние ќе сториме сè што е во наши раце да се движиме кон оваа цел преку моќта на нашиот пример. Во овој дух, ние ќе ја искажеме нашата целосна поддршка за регионалниот заеднички пазар на Самитот на Берлинскиот процес на 5 јули“, се вели во заедничката декларација.
Подолу се најавува дека на 29 јули, тројцата лидери ќе се сретнат во Скопје за да го потврдат напредокот и да потпишат договор дека излегуваат од Берлинскиот самит. Тоа се очекува да биде за соработка и помош во случај на природни непогоди како и за олеснување на трговијата, увозот и извозот меѓу нашите земји.
Понатаму, во заедничката декларација ги покануваат и охрабруваат нивните колеги од регионот да потпишат и спроведат сличен ваков договор.
Но зошто на оваа средба не беа другите лидери од регионот, како тој на Косово, Црна Гора и БиХ?
Премиерот Заев вели дека иницијативата е отворена за сите земји од Западен Балкан но додаде дека има земји кои се подготвени некои работи од договорот да ги направат сега, а некои земји сакаат да ги направат подоцна.
Во заедничката декларација, тројцата лидери истакнуваат дека имаат за цел развој на инвестициите, краткорочни проекти за подобрување на животната средина и поголема искористеност на обновливите извори на енергија.
Ова би било дел од спроведувањето на Економскиот план и планот на инвестиции на ЕУ и Зелената агенда за Западен Балкан, се вели во соопштението, во кое се бара и поддршка од ЕУ и САД како стратешки партнери.
