Ист Гејт Мол, најголемиот трговски центар во регионот, наесен ќе ги отвори вратите. Изградбата е во завршна фаза.
За да види како се одвиваат работите, премиерот Зоран Заев со неколкумина министри од кабинетот, во придружба на претставници на Ист Гејт Мол, го посетија центарот кој се простира на површина од 160 илјади метри квадратни.
Очекувањата се дека ќе биде најатрактивно место не само за Македонија туку и за регионот.
Се очекува да има вкупно 250 меѓународни и регионални брендови, од кои некои за прв пат доаѓаат во Македонија. Но колку ќе може граѓаните и во недела да ги добијат овие услуги, кога владата предвидува недела да биде неработен ден за бизнисот. Премиерот Зоран Заев смета дека трговските центри треба да работат и во недела.
Министерот за економија, Крешник Бектеши и министерката за труд и социјална работа, Јагода Шахпаска со различни ставови за идејата и трговските центри да не работат во недела. Првиот човек на Економија бара оваа работа внимателно да се разгледа бидејќи токму овие центри преку викендите привлекуваат голем број туристи во земјава. Додека министерката Шахпаска е на став дека и трговците во недела не треба да работат. Премиерот Заев рече дека од двајцата министри добил креативни решенија, а очекува средно решение, како на пример во недела да се работи со скратено работно време.
