Премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил напиша дека за време на традиционалното, годишно обраќање на претседателот Стево Пендаровски оваа година, биле сведоци на одговорен пристап во согласност со државните интереси и како придонес на нашите стратешки определби.
„Придонесот што претседателот Пендаровски го даде од аспект на борбата со коронавирусот и во период кога немавме функционално Собрание, го премости периодот до изборот на новата Влада, со што се создадоа и сите предуслови за решителен институционален одговор на здравствено-социјалната и економската криза. Го поздравуваме фактот што со претседателот Пендаровски сме едномислени во однос на одбраната на државните позиции и интереси за нашата иднина во ЕУ, како и во пристапот за решенија за прашањата со Бугарија“, наведува Заев.
Тој додава дека од обраќањето на претседателот на државата е јасно дека делиат заеднички став и едногласност дека за македонските идентитетски прашања – јазикот и националната припадност како Македонци, нема преговори.
„Тие се потврдени и меѓународно признаени. Се потврдува и нашето заедништво и благодарност и во однос на поддршката што ја добиваме од албанскиот и од сите други народи во нашата земја, за разбирањето за нашите напори да го сочуваме и промовираме македонскиот идентитет. Тоа е силна потврда и на нашето заедничко чувство дека државата доби многу со членството во НАТО, но и силна поткрепа на нашата категорична определба дека полноправното членство во Европската Унија нема алтернатива“, наведува Заев на ФБ.
