Заев со порака до репрезентацијата: Покажете дека и малите може да бидат големи

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Премиерот Зоран Заев испрати порака до фудбалерите и стручниот штаб на македонската репрезентација во пресрет на денешниот натпревар против Австрија.

„Почитувани македонски репрезентативци и членови на стручниот штаб,во пресрет на вашиот прв настап на Европското првенство во фудбал, сакам со вас да ја споделам мојата целосна и безрезервна поддршка.

Со пласманот на #ЕУРО2020 вие веќе ја испишавте најсветлата страница од историјата на македонскиот фудбал, но јас сум убеден дека деновиве ќе испишете и нови успеси. Навиваме за голови, за победа, но пред сѐ навиваме и за овој досегашен македонски успех. Навиваме за ова ваше и наше време!

Велат дека фудбалот е најважната споредна работа на светот, но вие во нашите очи во моментов сте главната работа на светот, најважната македонска иницијатива.На фудбалските терени покажете и докажете дека една мултиетничка репрезентација, од мултиетничката Северна Македонија, со право е рамноправен дел од мултиетничка Европа.

Покажете повторно дека и најмалите можат да бидат многу големи, кога веруваат во себе и во заедничкиот успех и кога гордо го носат националниот дрес.

Бидете еден за сите, сите за еден и обојте ја Европа во црвено-жолто. Моето срце и срцата на сите македонски граѓани ќе ни бијат во ритамот на вашата игра. Нека е со среќа!“, напиша Заев на „Фејсбук“.